Ф1 Алманах Автомобили Возевме Разумен предлог, „непристоен“ компромис
САНГ ЈОНГ КАЈРОН 2.0
Разумен предлог, „непристоен“ компромис
PDF Печати Е-пошта
(1 глас, просечно 2.00 од 5)
Понеделник, 31 Август 2009 00:00
Bookmark and Share

kyron_2000_6Развојот на гамите на сите фабрики неминовно води до конструкција на возила кои се повеќе се нудат во СУВ сегментот. Од 2005 година Санг Јонг го нуди Кајрон, кој е понуден под слоганот „Витез на модерниот свет“. Објаснувањето за ова е понудено преку компарирање на шасијата како своевиден „витешки оклоп“, при што под челичната надворешност се крие благороден карактер. Мала е веројатноста да се најде соодветна споредба кај другите производи од 21 век, бидејќи општ тренд е да се намалат производствените трошоци.

 

Оттука, Кајронот од прв момент ви се чини необичен и различен, бидејќи неговата појава и визуелно и на допир навистина отскокнува од секојдневието. Должината од 4,66 метри (од кои 2,74 меѓуоскина) и висината од 1,75 метри му наметнуваат имиџ на „обдарен“ шерпас кој ќе ве поведе секаде со својот сигурен чекор. Фабриката декларира дека во неговиот развој се потрошени 246 милиони долари, во тек на три години експертски труд за производство на овој модел. Искусните очи на вљубениците во автомобилите сепак ќе забележат дека како и поголемиот број возила кои доаѓаат од Далечниот Исток, дизајнот ретко кога го следи вистинскиот дух на возилото, а во овој случај оценката е дека надвладејува впечатокот за едноставност. Извесна доза на агресивност внесуваат страничните дијагонални линии кои му даваат спортска нота, додека поклопецот на моторот кој пак импонира со облините, заедно со хромираната маска во неговото подножје, сочинуваат навистина префинета лимузинска предница. Уште некои од позитивните моменти се затемнетите стакла, ЛЕД трепкачите и спојлерот кој продолжува од кровот над вратата на багажникот. Кајрон е еден од ретките компактни СУВ модели што нуди 18 инчни тркала како опција. Добро е да се знае дека студиото на Џорџо Џуџаро е ангажирано на база на овој „интернационалец“ да го гради идниот стил на моделите, почнувајќи од еколошкиот модел Ц200 кој како концепт беше прикажан на салот во Париз 2008 година.

Ентериерот исто така е направен со идеја да импресионира, а некои решенија го даваат тој впечаток. Кокпитот има уникатна несиметрична поставеност, но масивниот среден столб има и една маана што „јаде“ дел од корисниот взоачки простор. Во долниот дел се сместени држачи за разни нешта и простор за ситници, кои сепак не се од примарно значење за автомобил од ваков калибар. Модерната опкруженост е доловена со копчињата на воланот за управување со стерео уредот, металните кругови од двете страни на воланот кои содржат команди за системите вградени во возилото, па и преку употребата на кожа, но во одредени дози се нарушува со некои поевтини решенија како едноставната табла каде што се лоцирани брзиномерот и мерачот на вртежи. Со други зборови, и овдека се наметнува оценката дека додека на некои места навистина се внимавало, во интерес на зачувување на конкурентната цена на други места се одело со „смарт“ опции кои навистина се достапни и се на дофат на возачката рака.

kyron_2000_4 kyron_2000_19

Комфорот е обезбеден со мноштвото електроника и префинети решенија, со што Кајрон ветува лагодност како патнички крстосувач. Тука вреди да се спомене системот за контрола на квалитетот на воздухот кој е додаток кон автоматскиот клима уред, кој работи со точност од половина степен и одржува пријатна температура како основен предуслов за уживање во внатрешноста. Но, не смее да се заборави дека азиското население генерално има тело со помали пропорции и покорпулентните патници тоа би можеле да го почувствуваат. Според информациите од фабриката, седиштата на задната клупа се поставени со агол од 60 степени, при што се гарантира транспорт на тројца патници, но можна е нивна прилагодливост до агол 100 степени со што се создава рамна товарна платформа. Воедно, деклариран е најголем товарен простор во класата и има дозвола за влечење приколка со сопирачки која може да тежи до два тона, што го прави интересен за сите оние кампери или наутичари кои имаат таква потреба.

Во насока на подобар комфор е и мекото подвозје (двонасочни гасни амортизери), кое претставува компромис со тврдата шасија. При пробното возење мислењето за овој компромис беше менливо, зависно од подлогата. Наспроти очекувањата за масивен играч како Кајронот, удобноста при возење на асфалт беше забележлива, но во одредени моменти можеше да се забележи отсуство на енергично и потврдо справување со изненадувањата како што се дупките или нерамнините. Задното потпирање е во повеќе точки и е еден од главните носители на патничкиот комфор, додека предното е декларирано со два двојни триаголни носачи. Бидејќи на располагање за пробното возење беше моделот со двиолитарска зафатнина на дизел-моторот, перформансите очекувано не беа во преден план. Тежината на овој модел кога е празен изнесува два тона (1929 килограми), а носивоста е 600 килограми. Декларираното фабричко забрзување на овој модел од 0-100 километри на час е нешто над 11 секунди, додека петцилиндричниот 2,7 литарски агрегат е за повеќе од секунда побрз. Тоа се должи на разликата во моќноста од 161 наспроти 141 коњска сила, но од еколошка гледна точка поголемиот агрегат има речиси 20% поголема емисија на јаглерод двооксид и 10% поголема потрошувачка на гориво од податоците декларирани од фабриката (9,9 литри во град, кои беа минимално надминати во пракса).

kyron_2000_21 kyron_2000_37

Трансмисијата е дело на Мерцедес (Т-троник), фирма која со Санг Јонг има партнерство кое трае од 1991 година. Кајронот ужива имиџ на корејска верзија на М-класата, а најавите се дека идната генерација на другиот модел на оваа фабрика (Action), ќе се држи до новите стандарди поставени од ГЛК.  Во овој случај, комплетно увезената технологија се нуди во изведба со мануелен и автоматски менувач, а комбинирано со фактот дека има две нивоа на опременост, тоа значи дека еден модел го има во четири различни финални верзии. Побогатиот пакет на опрема нуди повеќе во сегментот на активната и пасивната безбедност, бидејќи нуди шест наместо две воздушни перничиња, систем за електронска стабилност, асистент за симнување по стрмни надолнини итн. Од друга страна, автоматскиот менувач доаѓа со шестостепен пренос кој поддржува поспортско возење, а има и таканаречен „зимски“ мод на работа. Факт е дека богатата дополнителна опрема може да го разубави основниот модел, кој сепак е ценовно ориентиран компромис.

kyron_automatic kyron_automatic_2

Како паралела на политичкото секојдневие во кое доминира новата фраза „разумен компромис“, како и познатиот филм „Непристоен предлог“, финалната оценка од ова пробно возење може да биде мешавина од двете, како што гласи и самиот наслов. Во својата класа Кајрон навистина делува како разумен предлог, со мноштво аргументи кои ги има на своја страна, но компромисите не му се „јака страна“, наспроти додатната опрема. Оттука, искрено се надевам дека со некој од новите и подобро опремените модели ќе имаме ново „рандеву“ во блиска иднина, особено поради фактот дека на ова пробното возење едвај беа надминати 100 километри, или неколку пати помалку од вообичаено. Сигурен сум дека вреди да се почека!

Пишува:
Александар Табаковски

 
Campaign

Анкета

Дали е ова последна сезона за Фелипе Маса?