Ф1 Алманах Автомобили Возевме Слободна интерпретација
ХОНДА ЏЕЗ 1.2
Слободна интерпретација
PDF Печати Е-пошта
(0 гласови, просечно 0 од 5)
Четврток, 05 Февруари 2009 00:00
Bookmark and Share

glavna600Кога семејните потреби бараат автомобилот да поседува нешто поголем комодитет, но и капацитет, се судираат различните концепти кои владеат при традиционалниот избор на автомобил. Хечбек варијантите вообичаено први отпаѓаат од класата на мали возила, или пак се земаат предвид оние кои се евентуално блиски до компакт класата.

Сепак, главната борба е меѓу таканаречената класична лимузина чиј адут е багажникот „на опашот“ од возилото или моноволуменец, претставник на новата мода. Веројатно можат да се најдат уште многу аналогии или оправдувања за името Џез, кое веќе втора генерација го краси најмалиот моноволуменец на Хонда и не е член на пошироко семејство (на пример Сивик), а за волја на вистината ова име и е признаено уште на Блискиот и Далечниот Исток (Југоисточна Азија и Океанија), додека во јапонската татковина и на американските континенти се употребува името Фит.

Објавата за промената на претходниот адут, кој отвори ново поглавје за купувачите на Хонда кои досега беа сметани за исклучителни љубители на спортски возила, дојде по два продадени милиони примероци и седум години присуство на пазарот. Стартот, барем на почетокот е идентичен во матичната Јапонија, каде што и новата генерација на Џез (Фит) ја освои наградата Автомобил на годината, веднаш по самото претставување. Дизајнерски не постојат сензационални разлики, иако новиот модел има дефинитивно постилизиран изглед поради делимични заоблените линии на каросеријата, кои се во контраст со отсечните линии на стаклените површини. Сепак, белезите како мал и спуштен поклопец на моторот и вертикален „задник“ со високо позиционирано задно ветробранско стакло остануваат дел од описот на автомобилот, заклучно со неговата висина (1,525). Промени има во должината и ширината (3,9 х 1,69), и тоа во правец на нивно зголемување (заедно со меѓуоскиното растојание од 2,49), што укажува на зголемен комодитет во кабината. Сепак, муабетот за шасијата не завршува тука, напротив она што е невидливо со голо око, а фабриката го декларира како унапредување, е подобрувањето на структуралната ригидноста за 164%!

IMG_1520IMG_1522

Во Македонија овој автомобил ќе се испорачува со бензински мотори кои имаат зафатнина од 1,2 и 1,4 литри, при што помалиот се нуди само во една варијанта на опрема (елеганс), додека поголемиот има четири нивоа (комфорт, спорт, елеганс и ексклузив). Моделот за пробно возење беше во основна изведба, па оттука тест искуствата во овој текст очекуваме дека можат да бидат само подобри од веќе искусеното. Оној што имал можност да ги вози новите претставници на семејството Сивик, ќе забележи извесни сличности во возачкиот кокпит, иако командната табла ја нема таа длабочина и дигитална префинетост. Сепак, округлите маски за посебните инструменти и воланот со три столба му ја даваат типичната спортска нота, додека за разгалување е современиот централен столб во кој се вградени мноштво прекинувачи, како и копчето за старт на моторот.

Наспроти возачкиот филинг на кој се инсистира во останатите модели на Хонда, овде доминира комфорот, и покрај фактот што новата суспензија и натаму делува предизвикувачки тврда, но тоа е само шминка. Со проширен фонд на „џебови“ за ситници, како и фиоки имплементирани во подот, новата генерација на Џез успешно се наметнува со понуда која претходно ја имаше само конкуренцијата. Само во најбогатата понуда се нуди стаклен панорамнски кров, придружен со круз контрол, наслони за рацете и греење или ладење напредната фиока, како и шест наместо четири звучници. Ова укажува на голема изедначеност на моделите од понудата, при што исто така се одвојува „Спорт“ кој има посебни браници напред и назад, прагови, како и затемнети стакла и 16 инчни тркала. Автоматската клима ја нема само во базичниот модел со 1,2 литарскиот мотор, а останатите разлики се сведуваат на греење на седиштата и бројот (или видот) на влезни конекции во музичкиот систем.

IMG_1541IMG_1543

Пробниот модел со 1,4 литарски мотор (100 КС, Еуро 5 норми) е поинаква верзија од досегашните изданија на оваа фабрика. Уште од самиот почеток делува понежно, поскротено, за разлика од перформансите кои се забележителни кај речиси секој друг автомобил. Домаќински одмерено, поради што верувам дека припадничките на понежниот пол како поголеми љубители на питомото возење нема да имаат никаква забелешка. Мене како професионален наоѓач на одредени карактеристики, кои некому можеби му се допаѓаат, а на друг не, единствено ми пречеше што степените на пренос беа за нијанса покуси од она што би требало да го следи „домаќинскиот“ стил, па ми се чинеше дека „го бркам“ лимитот, а напротив не го сакав тоа, па најчесто уфрлав и во степен повисоко за да биде возењето поекономично. Просечната потрошувачка според патничкиот компјутер во град ми беше 8,8 литри, додека километрите минати на авто пат беа со потрошувачка едвај над границата од седум литри. Ова возило кога е празно е тешко 1120 килограми, а се чини тоа се одразува и на перформансите, па од 0-100 км/ч фабриката декларира 11,4 секунди, додека кај послабиот мотор (90 КС) забрзувањето е 12,6 секунди. Крајните брзини се разликуваат многу малку, и тоа 182 за поголемиот мотор, а 177 км/ч за помалиот. Она што е еден од најпозитивните моменти кај целокупната конструкција, покрај подобрениот комфор и суспензија, се сопирачките, и назад и напред во диск изведба и бескомпроимисно ефикасни.

Технологијата е заштитен знак на Хонда, па оттаму мноштвото електроника е природна појава. Во насока на активната безбедност, сериски се трите уреди за помагање при работата на сопирачките, и тоа: контролата против блокирање, елекстронската дистрибуција на силата и брејк асистот. Покрај воздушните перничиња, за високото ниво на безбедност доказ се и петте ѕвездички на северно американскиот тест спроведен од тамошната НХТСА, според кој за патниците напредбезбедноста е идентична, пет ѕвездички, а исто така и за бочен удар кај возачот. Бочен удар назад или превртување на овој тест е оценето со по 4 ѕвездички. Европската институција Еуро НЦАП се уште ги нема објавено своите резултати.

Збирот на повеќе позитивни промени е она што го прави новиот Џез поатрактивен од кога и да е порано, но за волја на вистината, кај него има и еден детал кој нема своја фан база, а тоа е покачувањето на цената. Се очекува да има поточни позиционирања кога ќе дојде и моделот со 1,2 литарскиот мотор, а за 2010 најавен е и модел на хибриден погон на светско ниво. Тоа навистина би можело да го размрда и овој сегмент на возила и да биде вистински револуционерен чекор напред во оваа слободна интерпретација на тема „моноволуменец“.

Пишува:

Александар Табаковски
 
Campaign

Анкета

Дали е ова последна сезона за Фелипе Маса?