Патеката ќе се асфалтира по Олимпијадата
PDF Печати Е-пошта
(0 гласови, просечно 0 од 5)
Вторник, 24 Јануари 2012 22:34
Bookmark and Share

sochi-olympic-park_promo_2012Плановите на руските организатори за првата трка што треба да се вози за Големата награда на Русија се во завршна фаза, но пред Формула 1 да дојде на дневен ред, треба да поминат зимските олимписки игри во 2014 година.

Берни Еклстоун го потпиша договорот со рускиот премиер Владимир Путин уште пред една година, а додека за другите организатори кои саката да добијат трка се пишува многу, за Русија не се спомнува ниту збор. Претпоставка е дека работите се одвиваат по зацртаната динамика, како и дека финансиските гаранции се на место, за разлика од организаторите од Тексас, Валенсија, Белгија и Франција, кои постојани се во медиумите околу прашања поврзани со парите што треба да му се исплатат на Ф1 промотерот. Наводно, Русија веќе инвестирала околу 190 милиони долари, иако е тешко да се разграничи во што конкретно, бидејќи патеката кружи околу спортските арени што треба да се готови за Олимпијадата.

Во фокусот на јавноста засега се летните игри во Лондон оваа година, додека Сочи треба да биде подготвен за 2014 година. Вообичаено, во оваа фаза постои доцнење во роковите, но се тврди дека главните нешта се на добар пат. Откако сите градежни работи ќе бидат завршени, асфалтирањето на Ф1 патеката ќе почека се додека игрите завршат. Тоа би значело дека со роковите од три месеци за инспекција и лиценцирање на патеката од страна на ФИА, трката нема да се најде во календарот пред јуни, бидејќи игрите ќе бидат на програмата во февруари.

Бидејќи календарот за оваа година веќе брои 20 трки, се претпоставува дека со новиот Конкорд договор што треба да се потпише нема да има проширување во тој поглед. Оттука, влезот на Њу Џерси во 2013 и на Сочи во 2014 значи дека ќе треба да се ослободат две места од досегашните трки. Тоа што Белгија нема да има трка секоја година ќе биде на радост на оние што чекаат камбек на француското гран при, но најверојатно една од двете шпански трки ќе ослободи место за Русија. Второто американско гран при би требало да биде на сметка на некоја од „прекуокеанските трки“, а во моментов најзагрозено е местото на Бахреин, кој има договор до 2013 година и нестабилна политичка ситуација. Истовремено, се пласираат и гласини дека јапонските организатори по повлекувањето на Хонда, нема да можат да продолжат во 2013 година бидејќи на Сузука и се потребни сериозни инвестиции во инфраструктурата, додека Фиџи ги затвори своите порти со повлекувањето на Тојота. Ниту другите Ф1 патеки не можат да бидат спокојни за својата иднина, бидејќи се најавува интерес од Јужна Африка и од Мексико, меѓутоа тешко е да се поверува дека тие би можеле пред 2014 година да обезбедат место во календарот.