|
Тимот на Кетерхем прв ја отвори серијата на промоции на болидите за новата сезона.
Иако првите снимки се појавија ден претходно во списание кое било донесено на купувачите еден ден пред неговото официјално пуштање во продажба, денеска тимот официјално ги претстави сликите од новиот предизвикувач. Техничкиот директор Мајк Гаскоњ изјави дека фокусот на новиот болид кој ќе го носи името „ЦТ01“ била аеродинамиката.
- Аеродинамиката е секогаш главна за перформансите и напредокот. Минатата година се се вртеше околу издувниот дифузер кој беше проблематичен за нас бидејќи не го развивавме во 2010-та година. Фактот што оваа година тој е забранет, секако дека ни дава предност. Останатите тимови имаа доста време да го развиваат со цел да добијат повеќе од него, но со забраната добиваме ние, бидејќи ги елиминира неговите предности. Но, вистината е една, аеродинамиката е таа која е секогаш главна за развивање и затоа вложивме годинава многу во нејзе,- изјави Гаскоњ.
Болидот за прв пат ќе има КЕРС уред, преземајќи го од Ред Бул. Најзабележливо на болидот е нискиот нос, решение кое Гаскоњ очекува да биде превземено и од останатите тимови, бидејќи е детерминирано од регулативата.
Сопственикот Тони Фернандес, кој е познат по своите оптимистички коментари, во негов стил повторно „лета високо“.
- Целта е една, сакам да освоиме поени годинава. Тоа мора да биде! Кон крајот на минататта година бевме блиску до средината, но бидејќи немавме КЕРС, бевме лимитирани. Годинава, со луѓето и инфраструктурата и КЕРС мислам дека ќе претставуваме закана за многу од тимовите од средината и да, сакам да освоиме барем еден поен во 2012-та, или можеби два ако сме многу среќни! - изјави Фернадес.
Доколку се суди според типот на промоцијата, преку еден специјализиран магазин, и неколкуте слики, тимот очигледно и немал што друго да каже во овој момент. Лани, оваа екипа како Тим Лотус беше на 10 место во поредокот и без освоени бодови стигна до сума од 25 милиони долари кои се наменети за таа позиција на табелата, како приход од продажбата на ТВ правата. |