|
ТЕСТИРАЊА:
Егзибиции на Мерцедес |
|
|
|
| Четврток, 09 Февруари 2012 19:03 |
|
Двајцата пилоти на Мерцедес користат болиди со спецификација за 2011 година, а на тестирањата возат само за да се запознаат со гумите на Пирели за 2012 година. Оттука, иако најбрзи на патеката, нивните резултати не се прифатени како релевантни за актуелниот распоред на силите. За разлика од времето на Шумахер кој извозе 1:18.561, Розберг денеска го подобри резултатот за речиси цела секунда. Наспроти ова, слично како и на првиот ден, од болидите за 2012 година најдобро време имаше пилотот на Лотус Рено, но овој пат на смена беше Роман Грожан. Неговото време од 1:18.419 е досега најдобро извозено од болид со спецификација за оваа оваа сезона. Денешниот ден воедно беше обележан од фактот дека поголемиот дел од екипите имаа промена во возачкото седиште, па наместо возачите кои тестираа првите два дена, првата шанса да ја испитаат машинеријата за новата сезона добија Фетел, Алонсо и Хамилтон. Актуелниот шампион го има третото време на денот од 1:19.297 и е еден од ретките кој го подобри својот резултат во попладневната сесија, но сепак беше една десетинка побавен од вчерашното време на Вебер. Возачот на Мекларен, Луис Хамилтон, беше нецели две десетинки зад Фетел, но цела секунда зад Грожан, иако тоа е подобро отколку времињата кои претходните два дена ги имаше Џенсон Батон. Жан Ерик Верњ во Торо Росо беше три десетинки побавен од славниот колега, па го финишираше денот како петти, а со тоа парираше и на времињата поставени претходно од Даниеле Рикиардо. Во иста десетинка со него е и Серхио Перез, кој за разлика од останатите возеше на вчерашните тестирања и успеа да се подобри. Фернандо Алонсо, слично како Фелипе Маса, се наоѓа во долниот дел од табелата, со време од 1:20.412 кое беше добиено по 65 круга, или половина од она што го извозеа другите пилоти. Тој е на дополнителна секунда од Фетел и Хамилтон, односно две секунди од најдоброто време на Грожан. Бруно Сена кој денеска го презема болидот на Вилијамс извозе 1:21.293, што е речиси идентично со постигнувањето на Малдонадо претходно, но сепак Бразилецот денеска беше највреден од сите со извозени 125 кругови. Последните две места им припаднаа на тест возачите на Кетерхем и Форс Индија: Гиедо ван дер Гарде ја презеде обврската од Хеики Ковалаинен, но беше две секунди побавен со време од 1:23.324, додека без тајминг остана Жул Бјанки кој на два пати правеше загревачки обиколки, но не успеа да финишира ниту еден „летечки круг“ бидејќи во последниот обид излета од патеката. Утре е последен ден од тестирањата во Херез, по што екипите ќе имаат две седмици пауза до следниот тест во Барселона. |









Нико Розберг ја продолжи егзибиционистичката кампања започната вчера од Михаел Шумахер, поставувајќи најбрзи времиња на тестирањата во Херез.
