|
РЕЗУЛТАТИ:
Нема „спас“ од Фетел |
|
|
|
| Недела, 30 Октомври 2011 12:34 |
|
Германецот стартуваше од пол позицијата, а во трката го имаше и најбрзиот круг, со што постигна хет-трик на инаугуралното индиско гран при. И покрај најавите на Ред Бул дека на оваа трка ќе го фаворизираат Вебер, вториот пилот на тимот во текот на првиот круг ја загуби втората позиција и не успеа да се врати на неа откако таму се протна Џенсон Батон. За разочарувањето на австралискиот пилот да биде поголемо, Алонсо при вториот пит стоп успеа да го мине низ боксовите и да го запоседне третото место, па Вебер финишираше како четврти. Останатите болиди беа како во втора лига, откако Маса и Хамилтон во дуел за петтото место повторно имаа меѓусебен контакт, но овој пат стјуардите за тоа му доделија казна на Бразилецот, кој подоцна направи возачка грешка и прескокна еден рабник што доведе до дефект и негово откажување. Во таа ситуација Михаел Шумахер и Нико Розберг ги доведоа болидите на Мерцедес до петтото и шестото место со повеќе од една минута задоцнување, додека Хамилтон на седмото место е последниот возач во ист круг со победникот. Алгуерсуари на осмото место веќе со задоцнување од еден круг ги предводеше Зутил и Перез во освојувањето на бодови меѓу првите десет. Релативно мирната трка без возбудувања во борбата за првите позиции ја завршија 19 возачи, но за волја на вистината имаше повеќе дуели во средината, од каде што беа и петте возачи кои се откажаа. Фетел кој веќе ја обезбеди титулата сега има 374 бода , додека Батон ја предводи тројката возачи во дуел за второто место со 240 поени, односно 13 повеќе од Алонсо и 19 повеќе од Вебер. Следна е трката за Големата награда на Абу Даби на 13 ноември, по што ќе следи финалето во Бразил. |









Себастијан Фетел стигна до нова, единаесетта победа во својата втора шампионска сезона, покажувајќи дека за болидот на Ред Бул нема пречка ниту на новите и непознати патеки како оваа што дебитираше за ГН Индија.
