Ф1 Алманах Магазин ВИП гости Бакнувањето е најопасниот дел во професијата
КРИС ФАЈФЕР:
Бакнувањето е најопасниот дел во професијата
PDF Печати Е-пошта
(0 гласови, просечно 0 од 5)
Сабота, 02 Октомври 2010 00:00
Bookmark and Share

Kris_Fajfer_9Во светот на екстремните спортови медиумите често откриваат херои кои се изразени индивидуалци, а со своите способности и храброст ја вчудоневидуваат публиката каде и да се појават.

Минатата седмица во Скопје се претстави Крис Фајфер со своето шоу овозможено од Ред Бул, при што четирикратниот светски првак во “stunt riding” изведе програма на Плоштадот Македонија со која веќе е легитимиран како светски возач број 1. Во 2008 година на пример, настапил на сите пет континенти во текот на годината, а есенва кај нас дојде еден месец пред да отпатува на турнеја во Бразил и Аргентина

Како и поголемиот број ликови од светот на мотоспортот, Крис Фајфер е непосреден и отворен, веднаш преминува на „ти“ и со лесен тон се внесува во разговорот како да си муабети со најблиското друштво. Одушевен е од шоуто и од реакциите на публиката, иако потоа помина уште добри два часа во потпишување на автограми, давање изјави, но и објаснување на триковите за некои заинтересирани ентузијасти. Ми остава впечаток дека и самиот е неуморен авантурист, но притоа голем професионалец.

- Настанот во Скопје беше феноменален, изборот на патеката беше исправен, сакавме да возиме во центарот, но подлогата беше нерамна и тешка, имаше некои лизгави делови, различен тип на асфалт. Публиката беше расположена, навистина ентузијастичка и би сакал да се вратам тука еден ден. Можеби патеката беше една од потешките, но јас имам и искуство со возење по планини, па се снајдов. Шпанските возачи или калифорниските возачи кои што немаат такво искуство, малку ако заврне, веќе се како изгубени,- открива Германецот во чија биографија мож да се прочита и за лудириите со моторот на врвот од управната зграда на БМВ во Минхен, фирмата која произведува еден од своите модели како „едиција на Крис Фајфер“.

Би сакал на почетокот да те прашам што е за тебе “stunt riding”. Како се случи ти да се најдеш во него?

- Мене овој спорт навистина ми се случи, тоа е вистинскиот збор! Изведував точки со сите видови велосипеди и мотори уште од малечок, уште кога имав 10 години, а можеби и пред тоа. Потоа почнав да се занимавам со моторите посериозно, особено во слободен стил, по што стигнав до навистина високо ниво и почнав да се натпреварувам. Тогаш само сакав да се проверам каде сум наспроти останатите и во првиот настап ја освоив титулата светски првак. Тоа беше во 2003 година. Секоја година станува се потешко бидејќи полесно е да се стане шампион, отколку да се задржи титулата. Во последно време во спортот влегуваат многу млади дечки кои го подигаат нивото. Со интернетот како платформа сега можат да се најдат навистина добри возачи низ цел свет.

Самото име “stunt riding” асоцира на каскадерство, на филмови. ..

- Токму поради тоа го мразам тој збор, но тоа е веќе етаблирано име за спортот во кој што се натпреварувам. Ние возиме во слободен стил, изведуваме такви точки. Сепак ова сфаќање за името не е исто во САД, бидејќи таму под “stunt riding” се подразбираат трикови, изведување точки. Во Европа луѓето секогаш прво помислуваат на филмовите.

Kris_Fajfer_10Ти никогаш не си снимил филм?

- Сум настапил во неколку помали филмови, изведувајќи некои точки, но не каскадерски. За мене ова отсекогаш било спорт, спектакл и никогаш не сум работел за филмската индустрија.

Кога зборуваме за спортот, Михаил Шумахер своевремено изјави дека можеби постои поталентиран возач на светот од него, некаде во Сибир, но успехот којшто тој го постигнал се должи на пакетот што тој го имал во одреден момент (болид на Ферари, гуми на Бриџстон, итн). Во овој спорт не изгледа дека „пакетот“ има голема улога?

- Тоа е точно. Во трките е потребен „пакет“. Учеството на возачот таму е помало отколку во спорт како „stunt riding”, не е е ни 50 проценти, а истото се однесува и за Ендуро и мотокрос трките. Возачот е можеби тука 80 проценти, а се останато сочинува околу 20 проценти. Во „stunt riding” можеби може да се каже дека возачот учествува дури и со 90 насто. Мора да се биде едно со моторот, мора да се биде навикнат на него, да се вози на свој посебен начин и дури тогаш може да се стане успешен. Страста, посветеноста, постојаното вежбање одново и одново, тоа е потребно за успех, а не висока и скапа технологија на мотори и пневматици. Важно е да се биде креативен, да се возат тешки точки на свој посебен начин. Според моето сфаќање, Формула 1 е тимски спорт: сите тие инженери, механичари, возачи, ги има уште стотина и повеќе што работат за еден болид. Во мојот спорт доволен е еден човек кој треба да знае само како да го подготви својот мотор.

Дали тоа значи дека немаш никакви соработници, ниту фитнес тренер, ниту некој што ти помага околу техничката изведба?

- Всушност, имам еден механичар, кој се грижи за моите мотоцикли, а се друго што се однесува до тренинзите и подготовките е моја идеја и моја реализација. Тоа е мој пристап кон спортот. Немам тренер, затоа што сум студирал биологија и спорт и знам да се грижам за некои работи, но на тренинзите секогаш носам сниматели со камери бидејќи на тој начин ги усовршувам моите точки. Така го гледам стилот, го анализирам, го подобрувам, всушност фидбекот од камерата ми е најважен. Понекогаш механичарот ми сугерира нешто што може да се направи и тоа е се.

Дали како светски шампион чувствуваш дека си дел од светската мотоспорт елита?

- Всушност, „stunt riding”е се уште „underground“ спорт. Всушност, јас сум првиот возач кој што успеал да најде сериозни партнери и да настапува на големи настани, како на пример на некои трки во Формула 1, или на некои ТВ шоу програми. Отворив многу врати, но сепак нашите првенства не се под капата на светската мотоциклистичка организација. Порано имавме наша федерација, но таа веќе не постои, бидејќи меѓу дваесет натпреварувачи секогаш има голем број „фрикови“, а само мал дел се сериозни или можеби полупрофесионални. Затоа е тешко да се организира и затоа сме ние типичен спорт во слободен стил, каде што креативноста и желбата за усовршување е поважна од какво било првенство. На крајот на краиштата, многу е тешко да се оценуваат настапите, бидејќи на тие натпреварувања има тројца-четворица судии кои доделуваат поени според сопствениот вкус и поради тоа е многу тешко да се направи овој спорт да биде натпреварувачки и затоа отсекогаш бил и ќе остане само спектакл. Јас сум единствениот кој досега успеал да се појави на некои големи мотоспорт натпреварувања, да изведува свои точки и сите тркачки возачи го сакаат и ценат она што јас го правам, им се допаѓа слободата, духот на мојот спорт, но тоа никогаш нема да бидат трки. Гледам дека имаме потенцијал, дека овој спорт сеуште се развива, расте, но мора да остане секогаш првенствено шоу, а помалку да има натпреварувачки карактер.

Kris_Fajfer_13Која е тајната на твојот успех, во што си подобар од ривалите?

- Моја силна страна е тоа што можам да направам добро возење со голема разновидност, со многу различни точки, наспроти некои што се специјалисти само за одредени работи. Јас можам да направам многу повеќе елементи и сето тоа да го вклопам во едно возење. Со тоа ги импресионирам судиите, а и не правам многу грешки. Но така се добиваат натпреварувањата, а тие за мене претставуваат голем притисок. Подобро се чувствувам кога снимам клипови или кога учествувам на некое шоу како што беше ова во Скопје. Натпреварот е само предигра.

Ги следиш ли подвизите на другите икони од светот на екстремните спортови, како Тревис Пастрана, кој го прелета пристаништето во Лонг Бич со автомобил или Роби Медисон, кој правеше егзибиции со моторот искачен на триумфалната капија во Лас Вегас? Дали и овие слободни стрелци ги сметаш за свои ривали?

- Тие ми се пред се пријатели, не ги сметам за ривали. Се наоѓаме на иста страна, особено со нив двајца, со Роби и со Тревис сум одличен пријател. Имаме отворени погледи бидејќи не сакаме да правиме само една работа и тоа да не биде само во спортските натпреварувања. Јас сум возел мотокрос и ми се допаѓа да правам салто со моторот и кога би имал пак 15 години, исто така би возел и слободен стил со мотокрос.

Дали можеби планираш да направиш нешто во нивен стил, бидејќи го имаш и рекордот во таканаречениот “bunny hop” (зајачки скок) со прескокнување на 33 луѓе во лежечка положба?

- Порано сакав да направам некои работи како што е на пример салто, во мотокрос слободен стил, а исто така да бидам првиот кој што ќе направи салто со БМВ мотор. За несреќа, кога подготвував една таква точка, имав малер, паднав на грбот, се искршив и престанав. Не мислам да го пробувам тоа повторно. Ќе останам со оние работи во кои што сум добар, но ќе се обидам да направам некои точки во слободен стил со автомобил. На пример, денес Тревис има свое ТВ шоу на МТВ и луѓето збудалуваат по него. Тој одлучи да се занимава со тоа затоа што веќе ги искрши сите коски и не остана нешто друго што може да прави. Сега е многу успешен и добро се забавува. Роби Медисон прави некои навистина, навистина страшни нешта. Јас сум задоволен со мојот спорт, делува опасно, но мислам дека ја имам контролата. Ако нешто ми се чини премногу опасно, јас воопшто не се обидувам. Така, на пример, сакав да направам некои маневри на преголема брзина од 250 километри на час, но заклучив дека е премногу опасно и се откажав од таа идеја. Сепак, можеби би се обидел во поставување на некои брзински рекорди.

Kris_Fajfer_14Иако се атрактивни, ваквите настани малку ги има низ медиумите. Кое е твоето искуство, дали спортистите треба самите да поседуваат извесен капацитет за односи со јавноста за да успеат како професионалци или пак треба само да се пробијат низ медиумите за да стекнат слава?

- Сум имал можности да соработувам со многу медиуми, можеби да направам многу повеќе работи со нив од оние што досега сум ги направил, но моја првична желба останува настапувањето на разни спектакли. Не сакам да бидам некој што го знаат само од интернет или од ТВ. Имав среќа што моите партнери Ред Бул и БМВ имаа широка мрежа на соработници низ медиумите, па не морав сам да се пробивам. Сепак овој спорт ќе остане надвор од медиумите и секогаш ќе биде така, нема да има покривање како што тоа е случај со трките. Ова е спорт што расте, но ќе остане интересен за оние што се „фрикови“ по мотоциклите. Мислам дека отворив многу врати за тие што ќе ме наследат.

Твојата точка со бакнување на една девојка кон која што возиш, па потоа нагло сопираш беше и меѓу главните на програмата од скопското шоу. Колку девојки досега имаш бакнато на ваков начин?

- Повеќе од сто, ха-ха-ха! Дури и Мис на Венецуела! Таа веројатно беше најубавата од сите. Ми кажаа дека ја виделе во публиката кога настапував таму, по што јас го зедов микрофонот и викнав: „Еј, Мис Венецуела, каде се криеш?“ Пет секунди подоцна таа веќе ја прескокнуваше оградата. Така се запознавме и неколку минути потоа и го покажав мојот трик. Сликата како ја бакнувам неа го обиколи светот.

Што вели твоето семејство за твојата професија и за честите патувања, за отсуствата од дома?

-Моите дома немаат проблем со мојата работа, а ни жена ми не ми замерува што се бакнувам со други девојки.

Мислев за опасната страна на професијата...

- Баш тоа е опасната страна, ха-ха-ха! Имаат доверба во моите вештини. Тие отсекогаш ме знаат ваков и знаат дека голема е веројатноста дека никогаш нема да се сменам. Се разбира, би сакале да имам повеќе време за нив, јас секогаш им ветувам дека ќе најдам повеќе време за семејството подоцна, кога ќе престанам да возам. Мојата жена понекогаш патува со мене, бидејќи сепак е невообичаено да си отсутен од дома секој викенд. Од друга страна, преку недела гледам да минувам што е можно повеќе време дома, тука ми е и работилницата, и канцеларијата. Така имам шанса заедно да појадувам и ручам со нив. Најголем проблем ми е да ги одржам контактите со пријателите, бидејќи вообичаено тие се оние коишто работат преку неделата и се слободни само преку викендите. Викендите во коишто сум дома можат да се избројат на прсти, како, на пример, за Божик, за роденденот на жена ми, пет викенда годишно е максимумот.

Кои ликови од актуелните мотоспорт натпреварувања ја заслужиле твојата почит?

- Како и сите други, го сакам Валентино Роси, бидејќи тој пред се е личност, карактер. Тој е важен за целата мотоциклистичка сцена. Уште поголема почит имам за шампионите од мотокрос, бидејќи тоа е навистина тежок спорт. Некои дисциплини едноставно се пофасцинантни за мене, а мотокросот е на мојата листа на фаворити.

На публиката во Скопје и објаснуваше и како се изведуваат некои од твоите точки. Дали би можел и да ги посоветуваш што се им е потребно доколку сакаат да се обидат во овој спорт?

- Секогаш им велам на сите што сакаат да започнат дека е подобро да имаат помал мотор, некое малечко Ендуро или Супермото од 125 сантиметри кубни или нешто слично. Може да биде тоа и скутер, најважно е да имаш потполна контрола. За вежбање е потребен празен простор, некаде каде што се одржуваат трки, или некој навистина голем паркинг и никогаш да не се испробуваат работи во сообраќај или со други луѓе. Исто така многу е важно работите да се учат чекор по чекор и потребно е многу време за да се извежба некоја точка, мора да се избегне притисокот, да се задржи забавната страна. Од голема помош е кога би имале пријател со којшто заедно би тренирале, би се поттикнувале. Од страна на опремата навистина нема потреба да се инвестира многу, со сигурност можам да кажам дека некои не располагале со повеќе од 1500 евра , но успеале да направат одличен „stunt“ мотор и постигнале завидно ниво. Можеби ова е најефитиниот мотоспорт во којшто човек може да се испроба.

Kris_Fajfer_16А колку троши Крис Фајфер сега, за едно свое шоу?

-Кога бев почетник, вежбав сам, го подготвував моторот сам, дури и патував сам, бидејќи немав пари за да ја понесам девојката, односно сегашната сопруга. Таа понекогаш ми помагаше, ме снимаше. Денеска ситуацијата е понаква, бидејќи имам пет мотоцикли и ми треба механичар. Од логистички причини, носам два мотоцикли со себе, а два испраќам на следното место кадешто треба да настапувам. Петтиот мотор ми стои дома за вежбање. Но, во основа сме сеуште само двајца луѓе. Од потрошните материјали можам да кажам дека предната гума не бара никогаш да биде променета, додека задната не трае повеќе од една недела, или едно шоу. Можеби уште некои плочки за сопирачките и тоа е се.

Дали учеше како да паѓаш? Дали тоа се учи како во скијањето?

-Мора да се научи дека моторот во извесен момент мора да се пушти. Кога си почетник и не знаеш, се обидуваш да го задржиш моторот и ризикуваш твоите нозе да се најдат под моторот ако паднеш. Тоа е многу опасно кога си почетник, но кога си професионалец ги знаеш тие работи и ги правиш автоматски. Паѓаш, стануваш и се обидуваш повторно.

Дали имаш некоја точка можеби во којашто настапуваш на мраз, во оган или со други луѓе, како вистински каскадер?

- Не сакам да си играм со оган, но подготвувам една точка на мраз, можеби ќе биде тоа за Нова година. Исто така не сум љубител на возењето со сопатник, пред неколку месеци на едно шоу го имав зад мене Штефан Рааб, еден од најпопуларните музичари и ТВ водители во Германија. Тој е голем човек (физички – з.а.), се забавувавме, но сепак не можев да изведувам некои вообичаени точки бидејќи не сакав да загрозам ничија безбедност. Би сакал во блиска иднина да се посветам на снимањето на некои точки на различни локации низ светот и тоа со задоволство ќе го работам во иднината.

 

Разговараше :
Александар Табаковски

 
Campaign

Анкета

Дали е ова последна сезона за Фелипе Маса?