|
НИКИ ЛАУДА:
Пилотирам два до три пати седмично |
|
|
|
| Четврток, 21 Април 2011 16:35 |
|
Пишува:
Димитар Вандовски – Були
Во рамки на заложбите на концесионерот на аеродромот „Александар Велики“, турската компанија ТАВ, како и на агенцијата со мешовит капитал „Мак Сан Травел“, од оваа година патувањата за Виена ќе бидат возможни и со компанијата Флај Ники, сопственост на трикратнот светски првак од Формула 1, денес 62-годишниот Ники Лауда. Австриецот лично го пилотираше првиот чартер лет на оваа компанија до Скопје, со 31 турист, додека редовната линија ќе заживее наесен, по цена од 100 евра за повратен билет.
Телефонски разговор, 16.33 часот - Колешке Цветанова, па што те нема? - Еј Табак, еве сум кај што треба да ме има, на работа... - Прочитав во весник дека Лауда доаѓа утре во Скопје, па се распрашував и ми рекоа дека кај тебе ги упатуваат сите заинтересирани новинари. Што е работава? - Да, вистина е, но морам да те разочарам, Лауда не сака да дава интервјуа, а сите ми бараат да го добијат. Не сака ни протокол, ни сликање, па имам проблем. Дојди на прес конференцијата што ќе биде на самата писта и пробај си ја среќата...
Четврток 14.04.2011 Пристигнување, 10.39 часот Брич ладен ветер ги дочека сите на Петровец. За волја на вистината, ветерот се потруди со својот ладен здив да ги натера сите претставници на медиумите брзо да го заборават нељубезниот дочек од страна на припадници на безбедносните сили во маскирни униформи пред ВИП-аеродромската зграда кои го чуваа паркингот, порачувајќи им на сите „паркирајте се таму на авто-патот“! Позитивни беа девојките од протоколот кои не испратија до локацијата на пистата, сложувајќи се со мојата констатација дека денеска има едно чудо новинари, за разлика од други прилики. - Табак, што е ова, последен доаѓаш? Авионот само што не слетал! - Извини колешке Цветанова, што да ти кажам, барав паркинг. - Обиди се да го уловиш Лауда тука на пистата, тој нема да оди на прес конференцијата внатре во зградата, не сакал да го напушта авионот... Буката што беше во далечината сега стана погласна, па веднаш го здогледавме сребрениот авион на небото кој влегуваше во последната фаза од чинот на слетување. „Подранил“, си констатиравме. Камерманите и фотографите веќе беа на позиција, секој фрејм од секундата го овековечија небаре доаѓа Месијата. Со бавно „такси“ возење Ербас А320 се доближи до предвидената локација, а од двете цистерни поставени од лево и од десно, проработеа водените топови, правејќи „виножито“ над авионот, што било традиција за секое прво слетување на нашиот аеродром. Паркирањето заврши, платформата поставена, патниците се префрлија во автобусот кој ќе ги однесе до терминалот, а пилотот излезе последен. На црвениот тепих (кој Лауда не сакал да го има), прв со гостинот се ракуваше министерот Миле Јанакиевски, предавајќи му пригоден подарок.
Речиси дваесетина новинари го дочекаа со своите микрофони и диктафони на предвиденото место. Искрено, од моето искуство минатове 15 години по автодромите, никогаш не сум го видел Лауда со толку многу новинари околу себе. Веројатно било поинаку кога бил возач. - Колку авиони има во вашата флота и од кога постои компанијата? - Летаме веќе осма година и имаме седум профитабилни години како минато искуство. Имаме дваесет и еден авион, а летаме на 83 дестинации. Меѓу нив, дел се редовни линии коишто се ставени на распоред, а дел се чартер летови. Најновата дестинација ни е Скопје. -Зошто Скопје? - Во Скопје доаѓаме бидејќи бевме побарани од двајца оператори. Се чини дека летовите ќе бидат добро исполнети, дека тие се среќни со нас и дека ќе почнеме да летаме од сега. Ова беше првиот лет. - Дали често пилотирате? - Да, летам два до три пати неделно на редовна база. Денеска го избрав овој лет за да дојдам во Скопје за првпат, да го видам аеродромот и се останато. - Пред повеќе од 20 години ја промовиравте тогашната компанија „Лауда Ер“ во Македонија, а сега сте тука заради „Флај Ники“. Кое време беше подобро за авионскиот бизнис, тогаш или сега? - Сега е подобра приликата, бидејќи „Ники“ е нискобуџетна компанија, што е тренд на денешницата. Имаме добра услуга, што не` прави квалитетна авиокомпанија. - Која ќе биде цената на повратниот билет за линијата меѓу Скопје и Виена? - Тоа ќе морам да го проверам, бидејќи во овој момент летаме само чартер. Би требало да биде околу 100 евра во двата правци, но останува тоа да ги во потврдам. - Дали вие некогаш би сакале да дојдете на одмор во Македонија? - Не, ова ми е првпат, со исклучок на промоцијата на претходната компанија пред повеќе од 20 години. Тоа беше многу одамна, па ако најдам време во иднина, секако дека би дошол. - Со која компанија ќе летате на трката во Шангај овој викенд? - Хе, хе! Утре изутрина летам за Кина со „Свис“, затоа што така имам најдобра конекција. Тргнувам во петок изутрина, а таму сум во сабота наутро, и веќе во 10 часот почнувам со работа. Во недела навечер се враќам дома. - Која е најдолгата дестинација на којашто имате возено како пилот? - Со оваа компанија најдолги се летовите до Канарските острови и до Египет, нешто повеќе од 5 часа. Тоа е најдолгата дестинација.
Нискобуџетна фирма, неризична професија Ники Лауда ја освои првата титула во 1975 година, за во 1976 да ја преживее несреќата што му се случи на трката за ГН Германија на патеката Нирбургринг, кога беше приклештен во удрениот болид среде пламените јазици кои го опкружија. Мина низ неколку пластични операции за да си го врати нормалниот лик, пропушти само две трки од сезоната, но кога се врати на асфалтот се најде во ситуација да се бори за титулата во последната трка од сезоната со Џејмс Хант. Иако имаше три поени повеќе од него, Лауда реши да не се бори за уште еден шампионски трофеј ценејќи дека дождливите услови се премногу ризични, иако некои автори тврдат дека не можел да трепка поради операциите на лицето. Џејмс Хант го освои третото место, четири бода, а со тоа и титулата. -Што ви е поголем предизвик, да пилотирате со авион или да возите Формула 1? - Се во свое време. Во Формула 1 има коцкање со среќата, преземање големи ризици, а летањето со авион е нешто сосема спротивно. Не се преземаат никакви ризици! ![]()
Подобро е кога не се пуши Во текот на 2002 година, Ники Лауда беше ангажиран како тимски шеф на Јагуар, екипа во сопственост на Форд, која што претходно ја основаше Џеки Стјуарт. Денес таа екипа ја откупи Ред Бул и ја направи шампионска. Но, при едно од моите патувања на трките, паметам дека го сретнав Лауда со тимскиот прес офицер во падокот зад боксовите, како стојат меѓу моторхоумовите и во сенка, далеку од очите на љубопитниците, едноставно си земале пуш-пауза. Паметам дека се извинив ако пречам, па само ги прашав дали можеби нивната екипа планира да има поддршка од некоја тутунска компанија, бидејќи во тоа време сите топ тимови беа спонзорирани од големите тобако корпорации, кои немаа друг законски начин на рекламирање на своите производи. „Форд Мотор Корпорацијата е против пушењето и ние нема да имаме такви спонзори, дури и ова сега што не гледате нас, ние всушност не пушиме“ ми рече тогаш Лауда меѓу две вовлекувања. Потсетувајќи се на таа анегдота, на пресот морав да го прашам: - Дали пушењето во вашите авиони ќе биде дозволено? - Не, не, таа забрана сега важи на светско ниво, за сите патници. - А што станува со вас? Дали вие пушите во кабината, бидејќи бевте страствен пушач? - Хе, хе, хе, хе! Всушност, јас пушев многу одамна, пред сто години, хе, хе, хе. Престанав да пушам пред десетина години. Подобро е кога човек не пуши.
Ред Бул се најдобри! Во пилотската кабина, 11.15 часот
- Дали со ова се занимавате откако престанавте со Формула 1? - Со возењето престанав во 1985 година. Претходно ја имав компанијата „Лауда Ер“, но ја продадов на Аустриан Ерлајнс пред 11 години. Пред 8 години ја започнав оваа компанија. - Кое е вашето мислење за денешната Формула 1? - Формула 1 е одлична оваа година. Сигурно знаете дека Фетел и Ред Бул победија на првите две трки. Тие се неверојатни, најдобри се! Имаат најдобар болид. Очекувам дека исто ќе биде и во Кина, бидејќи другите не можат да си ги подобрат болидите толку брзо. И тоа ќе биде така. - Дали тоа значи дека очекувате нова шампионска титула за Фетел? - За тоа ќе мораме да го почекаме крајот на сезоната. Можат да се случат многу работи., но Фетел е Фетел и засега е во добра позиција. - Многу сте критички настроен кон штотуку воведеното адаптибилно задно крило коешто треба да помогне за полесно изведување на престигнувањето... - Тоа е глупаво. Многу глупаво! Треба возачот да престигне, а не системот. Практично, ФИА одлучува кога вие можете да престигнете. Тоа е најглупавото правило што сум го видел некогаш! Повторувам, возачот е тој што треба да престигне. Во сегашната ситуација со гумите коишто побрзо се трошат, престигнувањето веќе треба да е олеснето. Доколку еден возач има подобри гуми од другиот, ќе може лесно да го помине. Не му е потребна помош од таквото задно крило. - Како се чувствувате сега, откако вашата сопруга ви го спасила животот? - Оженет сум по вторпат, со Биргит и имам уште две деца, близнаци, Макс и Миа, момче и девојче, кои сега имаат по година и пол. Утринава морав да ги разбудам за да се поздравам, што е вообичаена работа, а тие мене ми викаа „Папи, папи, папи!“ - Што станува со кариерата на вашиот син? - Матијас оваа година ќе вози во „Порше супер куп“. Тоа е натпреварување коешто се вози на патеките каде што е Формула 1, па ќе се сретнувам со него почесто. Тој сега има 31 година и мислам дека веќе нема шанси за Формула 1. Ќе вози во „Порше супер куп“ и тоа е тоа. - Дали е вистина дека еден од вашите синови паднал на возачкиот испиткога полагал за дозвола? - Мислам дека Матијас положи од прва ( но Ники има уште еден син од првиот брак, којшто се вика Лукас, и еден вонбрачен, Кристоф – з.а.). - Кога уживавте најмногу во Формула 1, кога бевте возач, тимски менаџер или сега како коментатор? - Се во свое време. Како што веројатно знаете, сега работам за германската телевизиска станица РТЛ и тоа е прчина што се уште патувам по трките. Тоа ми е работна обврска сега и уживам во неа, но малку е зафркнато на почетокот од сезоната поради прекуокеанските трки во Мелбурн, Куала Лумпур и Шангај, бидејќи многу време минувам во патување. - Дали мислите дека распоредот на силите во Формула 1 ќе се смени со воведувањето на новите правила? - Мислам дека и моторот којшто го предлагаат за 2013 година со зафатнина од 1600 кубни сантиметри е чиста глупост. Едноставно ќе чини многу пари за ништо. Формула 1 е препознатлива по својата моќност и по својот звук, а мотор од 1600 сантиметри кубни е мал мотор. - Жан Тод најави дека ќе бара повеќе пари од Берни Еклстоун за отстапување на промотерските права. Дали тоа значи дека имаме нова војна на повидок? - Не знам дали ќе има војна, но се согласувам со вас дека иако имаа многу проблеми во минатото, Еклстоун и Мозли на крајот најдоа добар компромис. Жан Тод е нов играч, треба да помине време, па да видиме како ќе се развива нивниот однос. - А што мислите за камбекот на Михаел Шумахер? Ќе биде ли успешен како вашиот во 1984 година? - Шумахер добро си ја врши работата, но блидот на Мерцедес за негова несреќа не е доволно конкурентен. Би сакал да видам тој болид да биде побрз за да можеме да ги оцениме перформансите на Михаел, дали тој навистина ќе се бори за победа во трката. Во моментот тој е хендикепиран поради неговиот болид. - На 1-ви мај се навршуваат 17 години од смртта на Аиртон Сена. Кои се вашите сеќавања за него? - Тој беше харизматичен човек, и загина како харизматичен човек. Многу го сакав, но за несреќа тој веќе не е меѓу нас. Дали е подобар од денешниве возачи? Секогаш мора да ги анализирате возачите во нивното време. Не можете да ги споредувате Фанџо и Фетел. Тоа е невозможно, времињата се менуваат, а болидите се поразлични. Во своето време, Сена беше најдобар, нема дилема за тоа. Негодувањата на другите колеги и фотографи доведоа до потребата Ники да стане и да позира пред влезот во авионот. „Имаме уште пет минути, во 11.40 треба да полетаме за Виена“, ни рече „капетанот“ на разделба. Побарав да се видиме на некоја од следните трки и да го довршиме разговорот. „Секако, ќе ме најдете таму. Тоа е мојата втора работа“. |














