Ф1 Алманах Магазин ВИП гости Ферари ми е бр.1, но ми се допаѓа и Хамилтон
СРЕЌКО КАТАНЕЦ
Ферари ми е бр.1, но ми се допаѓа и Хамилтон
PDF Печати Е-пошта
(0 гласови, просечно 0 од 5)
Вторник, 03 Февруари 2009 00:00
Bookmark and Share

srekko600no1Селекторот на националната фудбалска репрезентација, Среќко Катанец, кој по завршувањето на циклусот квалификации за СП во Јужна Африка, најави дефинитивно заминување од Македонија, за време на своето „селекторување“ покрај фудбалот пронајде интерес и за уште еден спорт.

Статусот тренер на репрезентација значи и екстензивност во работата, односно поголеми празни одови кои се условени од календарот на ФИФА за репрезентативни средби. Вишокот на слободно време, Катанец реши да го пополни со улогата на советник во словенечкиот фудбалски прволигаш, Интерблок, а хоризонтот на своите хоби активности го прошири со следење на трките од Формула 1. И како и секој Словенец, иако дел од неговите корени се и од Хрватска, без оглед на тоа што се работи за „активност“ во слободно време, не сакаше да биде само површен набљудувач на настаните од овој спорт, туку се обиде подлабоко да навлезе во суштината на глобалниот спортско-бизнис феномен,

 

Нам ни претставуваше чест и предизвик, да го „тестираме“ нашиот фудбалски селектор до каде стасал во откривањето на тајните на големите мајстори од овој спорт.

Прашуваа:

Новица Пеповски

Александар Табаковски

- Од Ваша изјава во медиумите дознавме дека во слободното време преферирате да ги следите збиднувањата од светското првенство на Формула 1. Што беше пресудно што токму овој спорт Ве привлече?

- Потекнувам од спортско семејство во кое се гледаат сите спортови. Но, со Формула 1 се заразив најмногу додека живеев во Италија, како играч на Сампдорија. Таму медиумите многу време посветуваат на Формула 1 поради Ферари. Мене пак, ме интересира да видам кои се крајните граници на спортистите, што во овој случај возат 90 минути со големи брзини, кои често достигнуваат и до 350 километри на час. Сите знаеме колку е напорно кога возиме брзо на автопатот, а таму како и во секој спорт мора да се види кој е најдобро подготвен и кој ќе ја однесе победата.

 

- Дали Вашето внимание е насочено и кон техничките достигнувања на болидите или само кон возачките умешности на натпреварувачите?

- Ние обичните смртници никогаш нема да знаеме каде е границата на перформансите од техниката, а каде на перформансите од возачот. Убаво е што го тргнаа системот за контрола на тракцијата, бидејќи последниве години техниката беше побитна од возачите. Техниката ги спречуваше сите возачки грешки, а во Малезија се виде дека Маса излета токму поради банална возачка грешка. Ќе биде уште поинтересно на дожд, бидејќи ќе биде уште полошо за возачите. Сепак не случајно добрите возачи добро ја разбираат и техниката, па така ако добро го наштелуваат болидот, сигурно ќе имаат добри резултати.

 

srekko600no2- Дали и Вие како возач ги барате своите лимити кога сте зад воланот?

- Имам среќа да возам автомобили на одредено ниво и моментално возам Мерцедес МЛ, но не одам во граница на испитување на лимитите на тие автомобили. Си приуштувам таков автомобил поради поголемиот простор и безбедност.

 

- Дали сте присуствувале во живо на трка од Формула 1 и доколку имате можност да избирате, која би била вашата омилена Ф1 дестинација?

- Не сум бил на ниедна трка, но редовно ги гледам трките на телевизија. Не ми се допаѓа мешаницата, зашто на некои патеки има над 100.000 луѓе. Имав шанса со тогашниот соиграч од Сампдорија, Манини, кој живееше во Монца и ме канеше, па дури ми вети и сместување кај него, но сепак не отидов. Од дома најдобро се гледа, преку телевизија.

 

- Постои ли некоја трка од првенството што сакате да ја следите со особено внимание, можеби како омилена патека или некаде каде што сметате дека се случуваат највозбудливите трки?

- Ги сакам патеките каде што има многу престигнувања, а не ги сакам оние каде што сите возат еден зад друг, бидејќи нема место за престигнување или престигнувањето не е изведливо. За разлика од тоа, во Мото ГП има 45 минути кои се набиени со адреналин и многу престигнувања. Се надевам дека во Формула 1 ќе преземат промени за да се овозможат повеќе престигнувања, бидејќи кога се знае од почетокот на сезоната дека Мекларен и Ферари ќе доминирааат во сезоната, интересирањето спласнува.

 

- Имате ли свои фаворити меѓу тимовите и меѓу возачите?

- Јас сум страстен навивач за Ферари, а порано и за Михаел Шумахер. Тоа е најмногу така, бидејќи, додека следев од Италија, тој секогаш беше во прв план и во своето време беше најдобар возач. Имаше и најдобар материјал, но, знаеше да го искористи.

 

- Колкава е популарноста на Формула 1 меѓу Словенците и дали медиумите одвојуваат голем простор за настаните во овој спорт?

- Интересирањето за Ф1 е големо, сите трки се пренесуваат во живо, а коментаторот секогаш коментира од местото на настанот. Сето тоа е многу добро па затоа и интересирањето е големо. Нашата Нина Јеранчиќ настапува во Ферари Челинџ купот, па има константно големо интересирање за автоспортот. Сепак, во Словенија ретко со кого правам муабет на оваа тема, бидејќи претежно сите ме препознаваат по фудбалот.

 

- Што мислите за брзината како фактор во современиот спорт? Дали таа станува пресудна за постигнување врвни резултати, но и за обезбедување на достојно шоу?

- Не сум размислувал за тие работи, едноставно ми е битно да има престигнување и нешто да се случува на патеката. Има луѓе во ФИА задолжени да размислуваат на таа тема и коишто ја следат проблематиката во текот на годините. Сите би сакале да има повеќе престигнувања но кога веќе се постингуваат големи брзини, мора да се биде реален и да се сфати дека се достигнале лимитите и дека се мора да биде безбедно.

 

srekko600no3- Покрај брзината, техниката е вториот рамноправен елемент кој постојано ја турка напред Ф1. Но дали треба да им се даде шанса на возачите со нивните способности да го определуваат најдобриот во шампионатот?

- Во Формула 1 оној возач што има технички понапреден автомобил оди напред, но сега кога повеќе останува на возачите ќе се види нивниот квалитет. Кога врне нема да можат да возат брзо, напротив очекувам да бидат двојно побавни. Секогаш мора да има приспособување на брзината на условите на патот. Но, во Формула 1 правилата се менуваат од аспект на безбедноста. Во фудбалот многу тешко се менуваат правилата како, на пример, голманот да не ја фаќа топката со раце кога му е вратена назад во 16-никот и целиот тој процес оди многу побавно и потешко.

 

- Апропо ноќните трки во Формула 1, дали додека бевте фудбалер повеќе сакавте да играте во ноќен термин, под рефлектори, или на дневна светлина?

- Ноќната трка треба да биде спектакл, исто како и трката на дожд, но тие се поинтересни поради излетувањата, бидејќи возачите не се приспособуваат за тие услови и фудбалерите играат различно на различни терени кои што се идеално рамни или кога температурата е повисока од нормалната. Градските трки може да се разликуват многу една од друга, зашто престигнување е изведливо само на едно или две места, па нема места за излетување, така што ризикот ќе биде поголем отколку на модерните автодроми. Но возачите се професионалци и мора да бидат добри и да покажат квалитет.

 

- Што мислите за Формула 1 како спорт и за аферите кои се нејзини постојани придружнички? Дали се тие намерно фабрикувани заради насочување на медиумските рефлектори кон тоа првенство или се нормална појава, како и во секој голем спорт каде што се вртат енормни суми на пари?

- Дека е спорт, сепак е спорт. Денеска многу спортови имаат големи проблеми поради обложувалниците, а особено на вака високо ниво се очекува секогаш да биде чисто. Јас би рекол дека Формула 1 е 95 отсто чиста. Во сите нешта има валкани работи, има и во политиката и во стопанството, но луѓето сепак треба да имаат кредибилитет особено оние коишто раководат со спортот. Оние коишто ги фатиле во одредени афери како Мозли не треба да бидат во спортот.

 

- Кој возач посакувате да го видите како шампион на следната сезона, а кој тим го гледате како победник во првенството во конкуренција на конструктори?

- Ферари ми е секогаш број 1 но сега вниманието ми го привлекува и Луис Хамилтон млад е и симпатичен, но сепак, би сакал да има уште повеќе од нив во врвот, да не биде шампионат на два тима. БМВ е блиску, но би сакал да бидат уште подобри и да ги има уште повеќе. Немам фаворит, повеќе возачи да има во борба за првите места. Индиферентен сум откако замина Шумахер.

srekko600no4- Дали шансите на Македонија да се пласира на следното Светско првенство во фудбал во Јужна Африка се еднакви со шансите некој возач од Македонија да стане дел од некој тим во Ф1?

- По ѓаволите! И двете прашања се многу тешки и би сакал да се случат и двете: и да имате возач во Формула 1 и да стигне репрезентацијата на СП. За изградба на возач потребно е да помине многу време од 3,4,5 години да почне да вози картинг па да напредува во другите категории. Кај фудбалот јас сум тука за тоа и ќе се обидам да го постигнам тоа, но треба да се биде реален. Моите резултати зависат од развојот на играчите во нивните клубови. Исто како во примерот со Ф1, кога тие момци би можеле прво да се развиваат во пониските нивоа па да се искалат низ други форми на натпреварување, ќе стигнат до врвот ама за тоа треба многу пари, учење и време. И двете работи се тешки: квалификациите за СП траат по година  и пол и повеќе и во нив се случуваат многу работи кои не можат да се испланираат и неминовно се случуваат.

 

Објавено во Ф1 Алманах бр.23

 
Campaign

Анкета

Дали е ова последна сезона за Фелипе Маса?