Ф1 Алманах Магазин ВИП гости Наследна фасцинација од автомобилите
ЖАН МИТРЕВ:
Наследна фасцинација од автомобилите
PDF Печати Е-пошта
(1 глас, просечно 5.00 од 5)
Среда, 03 Јуни 2009 00:00
Bookmark and Share

Zan_Mitrev600No1Академик Д-р Жан Митрев е препознатливо име во кардиохирургијата, синоним за добро здравје на илјадници луѓе кои благодарение на него го живеат својот „втор живот“, а за Ф1 Аламанах прифати да зборува за слабостите на кои тој лично не  е имун, меѓу кои и спаѓа страста кон брзините и автомобилите.

Низ спортскиот живот се испробал како пинг-понгар и кошаркар, а денеска кога не е зад воланот ужива во пешачењето, планинарењето, добрите натпревари на телевизија, но многу ги цени и „олдтајмерите“.

Разговараше:

Алекасндар Табаковски

- За Формула 1 често велат дека е феномен: најсовршена технологија во служба на спортот, а воедно првокласен бизнис. Што претставува Формула 1 за Вас, а од друга страна – кој е Вашиот избор за феномен?


- Имате право, Формула 1 и се што е поврзано со автомобилизмот претставува своевиден феномен, тоа е уште од дамнешно време, можеби уште пред сто години. Веројатно тогаш  луѓето се фасцинирале со убави арапски коњи, но со појавата на техниката и технологијата, последниве сто години е направен драстичен бум и тотална промена. Луѓето од цел свет се воодушевуваат на таа технологија, можеби има разни народи, разни нации, култури, но сите имаат заедничка карактеристика, а тоа е опседнатоста или фасцинацијата од автомобилите. Некој можеби повеќе некој помалку но тоа е воглавно една главна карактеристика за сите луѓе од светот. И за мене таа врвна автомобилска технологија е голема фасцинација. Но, кај мене воодушевување предизвикуваат и старите модели на автомобили од пред педесет, шеесет, па дури и 70 години. Денешните „олд тајмери“ некогаш биле фантастични автомобили. Јас сум голем љубител на автомобили, уште како дете се воодушевував на автомобилите, нормално како деца сакаме да ги гледаме убавите автомобили, па кога ќе пораснеме сакаме  да ги возиме. Сега истото го приметувам кај мојот син, за кој велат дека многу личи на мене. Ахил има три години, а уште кога имаше две неговите први зборови беа врзани со познати брендови на автомобили. Првите играчки му беа само автомобили, и ден денес тие му се најомилени. Сите познати марки на автомобили ги знае, навистина интересно, а кога се возиме ми ги кажува автомобилите кои ги среќаваме во сообраќајот.

Дури од толку мали нозе тој ги сака автомобилите, па можеби тоа е наследно, таа фасцинација од автомобилите.

 

 

- Колку уживате во спортот (воопшто) и со каков жар го следите? Дали постои суштествена разлика во Вашиот интерес за спортот како помлад и сега како човек со сериозни ангажмани?

 

- Со спортот сум од кога знам за себе, уште од најмали нозе, кога уште не одев во училиште. Се занимавав и со групни , но и со поединечни спортови. Почнав да вежбам гимнастика, се натпреварував за пионерско првенство во тоа време, потоа пинг-понг, се занимавав и со карате, кошарка и ватерполо. Вежбав, тренирав, со голем жар и енергија, и постигнував  успеси на локално ниво. Како растев животот се повеќе носеше и бараше од мене повеќе сериозност, па затоа спортот остана само како рекреација. Спортот за мене е составен дел од животот. Кога имам малку време играм баскет, пинг – понг. Сега во позрелите години спортот најмногу  го гледам на телевизија. Љубител сум на добар спортски натпревар на телевизија. Сакам да пешачам, да се шетам по планините. Рекреативно планинарам, но без големи напори и оптоварувања бидејќи за сето тоа нема континуитет.

 

 

Zan_Mitrev600No4- Дали преферирате спортови во кои доминира физичкиот напор или спретност, наспроти оние со понагласена умствена компонента (и за следење на ТВ, но и за практикување)?

 

- Сега во последно време има различни спортови, но јас сум повеќе што би се рекло за оние класичните. Сакам да  гледам фудбал, кошарка, Формула 1. Воглавно тие спортови ги гледам, но и скокови со мотори, иако тоа не ме привлекува. Можеби тоа се спортови за помладите генерации. Но, интересно е, човек се релаксира. Понекогаш гледам и бокс, но во последно време единствено ме интересира врвниот спорт. Професионални спортисти кои си го знаат занаетот. Импресивно е да се гледаат тие спортови.  Независно дали доминира физичката или умствената предност, се зависи од моментот и од времмето.

 

- Сте имале ли спортски идоли или омилени ликови? Бил ли спортот и причина и за патување на некој натпревар или трка?

 

- Се сеќавам кога тренирав пинг-понг и се натпреварував, во тоа време имаше еден пинг-понгар во бивша Југославија, мислам дека се викаше Каракашевиќ. Од кошарката се секавам на Далипагиќ, Кичановиќ, навистина тоа беа врвни спортисти и посебни луѓе, а за нас во тоа време. се разбира беа идоли. Имав идоли кои ми беа голема мотивација, но со растењето интересот се префрла во други сфери.

 

- Колку секојдневното управување на возило буди кај вас емоции или желба да се „издувате“ со брзо возење? Се сметате ли за вљубеник во автомобилите или мотоциклите, или тие се само уште една помошна алатка?

 

- Можам да кажам дека сум вљубеник во автомобилите. Во права смисла на зборот брзото возење се поврзува со желбата да се „издуваме“, тогаш кога се чувствуваме напнато. Тогаш слободно може да се каже дека автомобилот претставува издувно средство. Чуствувам воодушевување за таа технологија и секако понекогаш брзо возам, ако не ме сопре полиција. Но, сепак разумно и без да претерувам. Сепак, во Германија имам  возено Ферари, со кое стигнав до 300 километри на час, што беше посебно чувство. Возев на автопат на дозволено каде што нема ограничување на брзината и буквално бев наежен, тоа беше посебно доживување.

 

- Постои ли професионална деформација кај медицинските професионалци да ги толкуваат и обичните нешта како што се тоа спортските постигнувања низ призма на науката?

 

- Поминувам многу време во мојата работа, тогаш  слободното време буквално гледам да се прешалтам и да не поврзувам се со медицината.

 

Zan_Mitrev600No2- Стандарден ритам на срцето кај еден возач на Формула 1 во текот на 90-минутна трка е 170 до 180 отчукувања во минута, при што повремените пикови ја допираат и границата од 190. Постои ли нешто на светот што на сличен начин се манифестира?

 

- Возењето на Формула 1 е како сите други врвни спортови. Има рекреативни спортови, значи за широките народни маси, но и врвен каде што спортистите се  професионалци и каде се изложуваат на максимално оптеретување и физичко и психичко. Сето тоа е многу разбирливо кај професионалниот спорт, па така и со возачите на Формула 1 кои имаат големо оптоварување, скоро исто како кај другите врвни спортисти. Сите тие се добро тренирани дечки.

 

- Дали фанатичната работа на секој возач за подобар фитнес овозможува нивното тело и срце да ги издржуваат ваквите исцрпувачки напори?

 

- Апсолутно, за да се постигне врвен резултат, да се биде најдобар, мора да постои фанатизам, опседнатост со спортот. Спортистот може да биде голем талент, но ако нема 100% посветеност, не може да се дојде до големи резултати. Тоа многу добро го знаат и возачите на Формула 1. Таму каде што се вртат големи пари, голем бизнис и каде што се заработуваат кој знае колку милиони годишно, постои голема конкуренција и мора да се бидат во топ форма. Ако не се такви веднаш ќе дојде некој друг на нивно место. Не им е лесно.

 

- Ако се има предвид режимот на работа на срцето, силните гравитациски влијанија врз телото, психолошкиот товар, па и дехидрацијата, би ја оцениле ли Формула 1 како понехуман спорт од другите?

 

- Јас не би го оценил како нехуман спорт, туку како спорт кој е многу атрактивен и популарен, а во исто време одговара на она ниво на цивилизацијата која ја живееме. Тука имате се: имате врвна технологија, врвна организација, неверојатен склоп на човекот и машината. Само тој што ќе ги допре тие брзини со таква вештина знае точно што е тоа. Сепак ќе кажам, тоа е опасен спорт, затоа што некогаш може да заврши катасрофално. Значи не би го оценил како хуман или нехуман, бидејки секој екстремен спорт ако медицински гледаме, не е баш хуман, бидејки луѓето се напрегаат до граница на невозможното. Нормално дека тие напори се огромни, добро е кога добро оди, сепак, другата страна на медаљата луѓето не ја гледаат. Еве како кај боксот, се е во ред додека трае и нема проблем. Луѓето не се интересираат како тие живеат, дали имаат умствени проблеми, дали тие пропаѓаат. Тоа е екстремно напорен спорт и може да има негативни реперкусии. Но, луѓето ги гледаат само убавите страни. Она што е врвно и возбудливо. Сепак тоа е составен дел на секој професионален спорт и не би го оценил овој спорт како понехуман од другите спортови.

 

- Бројот на гран при викенди во една сезона наближува кон дваесет, но со тек на годините таа цифра се зголемува. Гледате ли можеби потреба за востановување лимит од медицински аспект?

 

- Бројот на тие гран при трки малку кој од докторите може да го ограничи, бидејки тоа е огромна машинерија од бизнис, медиуми, спонзори и што уште не, така што тука се оди во некоја максимала. Бројот ќе се ограничи сам од себе, доаѓа и до ограничување на тие машини и тимови. За се важи правилото дека ако се претера во нешто, може да биде досадно и изгустирано. Не би требало да се ограничува со пропис. Само од себе треба да се ограничи, да биде секогаш актуелно, да не биде досадно.

 

Zan_Mitrev600No3- Иако многумина би посакале да се заменат со него, Рубенс Баричело е рекордер и има зад себе речиси 280 трки. Кога би бил Ваш пациент, што би го советувале?

 

- Ако му оди се добро и нема никави проблеми, јас би му рекол нека тера само напред и да има уште толку трки. Но, кога би бил мој пациент и би имал проблеми од медицинска гледна точка, би го посоветувал да олабави.

 

- Срцето често е метафора за храброст, а таа е мошне потребна во одредени ситуации на патеката. Некои искази не уверуваат дека опасните делници „се возат со срце“, иако често е употребувана и флоскулата дека некои „се радуваат од се срце“. Колку овие фрази се плод на поетската слобода, а колку имаат некаква поткрепа низ сложениот кардиоваскуларен систем?

 

- Фреквенијата на срцето се качува до гранични вредности на 180-190 отчукувања во минута, зависно колку сме оптоварени, возбудени или сме во опасна состојба. Срцето од секогаш се поврзува со емоциите, со она што човекот  го прави, затоа што е единствен орган кој пулсира и ние ја чуствуваме неговата работа. Срцето како витален орган, се наметнало да го забележиме многу повеќе наместо еден бубрег или црн дроб, чија што функција е исто така многу важна, но ние не ја забележуваме, односно не ја чуствуваме. Ако не заболи и само тогаш! Значи работата на срцето, на кардиоваскуларниот систем, е поврзана и претставува еден огромен орган. Затоа што само срцето не е орган, туку сите крвни садови поврзани со срцето претставуваат  еден орган. Сите органи се испреплетени со крвни садови и капилари и претставуваат еден орган кој е можеби носител на емоциите бидејки реагира на она што го доживуваме во мозокот и нашите сетила. Не е исклучено дека можеби и душата и храброста и интуицијата се наоѓаат во срцето. Но сега за сега се уште тоа не е докажано. Бидејки јас секојдневно се бавам со болестите на кардиоваскуларниот систем, секој ден сум импресиониран од сите можности кои постојат за да се помогне. Нешто што е расипано може да се поправи.

 

- Имате ли омилен возач или тим од Формула 1?

 

- Мојата поддршка е резервирана беше резервирана за Михаел Шумахер и Ферари, додека германскиот возач беше се уште активен. Се уште немам нов миленик, бидејќи поради големиот број обврски не сум внесен во следењето на спортот како порано. Ме радува што има нова генерација возачи кои покажуваат големи вештини и верувам дека некои од нив ќе се наметнат како вистински идоли за новите поколенија.

 

- Дали Вие или специјалната болница Филип Втори имате конакт со македонските спортисти и каква соработка имате со нив?

 

- Филип втори е медицински партнер на Кошаркарската федерација на Македонија. Ние ќе ги вршиме нивните редовни систематски прегледи, а кај нас ќе бидат санирани и некои од можните повреди на репрезентативците. Тука ќе им биде овозможена врвна услуга како што всушност тие и ја имаат секаде низ Европа, каде што професионолно настапуваат. Ние сме партнери на уште голем број други спортски клубови, при што на располагање на спортистите им го ставаме целото наше знаење, вклучувајќи ги и врвните специјалисти кои работат во Филип Втори во одделите како што е Дијагностички центар, одделот за абдоминална и ортопедска хирургија итн. Опремени сме со најсовремени средства како што е 64-слојниот томограф, кој за неколку секунди открива разни аноналии или повреди.

Интервјуто е објавено во Ф1 Алманах бр.24

 
Campaign

Анкета

Дали е ова последна сезона за Фелипе Маса?