Ф1 Алманах Магазин ВИП гости Попрво Македонија во ЕУ, отколку Мерцедес до титула
ЕРВАН ФУЕРЕ:
Попрво Македонија во ЕУ, отколку Мерцедес до титула
PDF Печати Е-пошта
(2 гласови, просечно 3.00 од 5)
Среда, 03 Февруари 2010 16:35
Bookmark and Share

Intervju_so_Ervan_Fuere_16.12.2009_139Од своето доаѓање во Македонија како Шеф на мисијата на Европската Унија во 2005 година, амбасадорот Ерван Фуере работи на службената и приватната агенда: додека за остварувањето на првата можете да прочитате во речиси кој било медиум, малкумина знаат дека онаа втората е веќе исполнета: како љубител на планинарењето, тој веќе ги има освоено сите врвови во Македонија над 1800 метри надморска височина.

Дополнително, трчањето маратон е негова втора пасија, од која не се откажува иако наближува кон 65-годишна возраст, откако претходно учествувал на сите позначајни манифестации од ваков тип низ светот. Со образование на правник и кариера на политичар, воопшто не оддава впечаток дека има желба да ги следи спортските збиднувања, но во разговорот за Ф1 Алманах откри дека сепак е фасциниран од многу спортски великани чии дела и денеска се инспиративни.

Разговараше:
Александар Табаковски

Фотографии:

Димитар Вандовски

- Почитуван господине Фуере, мојата намера е заедно со читателите на Ф1 Алманах да дознаеме повеќе за Вас и Вашите сфаќања и страст за моторспортот (и спортот во целина). Дали би сакале да ни го доближите тој дел од Вашата приватност? Колку ви значи спортот, колку имате време да ги следите трките од Формула 1 или другите серии?

- Отсекогаш сум верувал дека спортот е витална работа во кој било период од животот. Мислам дека за тоа пример ми се моите родители. Татко ми ќе полни 100 години во јули, а мајка ми ќе полни 93 години. Мислам дека тајната на нивниот долг живот се постојаните физички и ментални активности. Мајка ми пливаше секој ден до својата 80-та година. Секогаш сум гледал на спортот како начин да се чувствувам добро со себе, но и како начин за запознавање луѓе. Во дипломатскиот живот, некогаш е многу важно да се излезе од нормалниот дипломатски круг. Не е добро да се биде во контакт само со таканаречената елита и политичарите, може многу повеќе да се цени животот ако се излезе од тој круг и да се запознаваат луѓето, обичните луѓе на улица. Во спортот се среќаваат многу луѓе од различни животни сфери, зашто во спортот луѓето не носат костуми, не ја носат со себе својата професија, тие се заедно во една група. Затоа јас отсекогаш сум гледал на спортот и како на здрава работа, но и како на уживање, како духовна инспирација. Може да ве инспирираат многу луѓе со нивниот спортски живот.

 

- А што се однесува до автомобилите и Формула 1?

- Малку ја следам. Не сум голем зависник од Формула 1, барем не редовно, секако дека следам какви модели на коли се појавуваат и слично. Колата што јас ја возам не е тркачка, тоа е Сааб. Отсекогаш сум возел Сааб, затоа што се работи за мало производство, прават само по 2000 автомобили годишно. Сега имаат и финансиски проблеми, но тоа е модел кој навистина е безбеден, сигурен, и невообичаен. Мислам дека истото се рефлектира и во важноста на тоа што се прави во Формула 1. Гледаат модели, како да одат побрзо, посигурно и тн.

 

- Според податоците од Вашата професионална кариера, сте минале 10 години во Јужна Америка (Венецуела, Мексико, Куба), каде што луѓето многу страсно се врзуваат за спортот, и од каде потекнале многу славни возачи (Хуан Мануел Фанџо, Нелсон Пике, Аиртон Сена). Би сакале ли да направите паралела меѓу Вашите искуства тогаш и сега?

- Во Јужна Америка постои голема љубов кон спортот и тркачите кои ги спомавте се вистински примери во тој аспект, а некои од нив настрадаа трагично и беа повредени во несреќи, каде многу ризикуваа. Латиноамериканците навистина многу го сакаат спортот, како колективните, така и индивидуалните спортови. На пример, кога трчав на Њујоршкиот маратон 10 пати, процентот на Латиноамериканци беше огромен. Од Мексико имаше неколку илјади кои учествуваа. Тоа беше еден од најдобрите маратони на светот. Тие секако имаат и одлична инфраструктура, посебно во Бразил, за тој спорт, за Формула 1. Тие исто така имаат и многу екстремни спротови. Овде, во Европа, исто така постојат традиционални трки, како Ла Ман и многу други места, Монако, Монте Карло. Еднаш бев таму на трката. Исто така е многу добро организирано, има одлична инфраструктура, па добро се споредува.

 

- Една од главните карактеристики на спортистите  е фајтерскиот дух, но таа особина ја имале и други револуционери и политичари. Според Ваша претходна изјава во медиумите, омилени ликови и борци за човекови права Ви биле Че Гевара и Нелсон Мандела.  Бидејќи покрај Јужна Африка и Јужна Америка, сега сте во Мисијата во Македонија, можете ли да издвоите некој лик од македонската историја кој го почитувате?

- Секако дека во врска со борбата за основните права и слободи, и покажувањето на важноста на победата на човековиот дух над несреќните околности, секако дека на врвот од мојата листа се луѓето кои го потпишаа Крушевскиот манифест во 1903 година, зашто ним им требало голема храброст и многу ризикувале за да го издадат тој манифест и веќе имале визија како треба да изгледа иднината на Македонија. Групата која го потпишала манифестот била мултиетничка, а во истото тоа време и Ирска се борела за слобода од окупацијата на Британија која траела над 400 години. Многу е интересно дека три години по Крушевското востание и Крушевскиот манифест, во 1906 година, познатиот ирски херој кој бил убиен, меѓу многуте кои беа убиени во тие времиња, Роџер Кејсман, и тоа било во 1906 година, тој рекол: Има две земји во светот кои патат и се борат за своите основни права и слободи, Македонија и Ирска. Уште тогаш постоела врската меѓу Македонија и Ирска. Според мене, тоа се луѓето на кои треба секогаш да се сеќаваме.

 

Intervju_so_Ervan_Fuere_16.12.2009_147- Дополнително, можете ли да издвоите и спортист чиј борбен дух ве привлекол да бидете негов фан, без оглед на националноста, Македонец или некој од кој било агол на светот, и спортот во кој тој или таа учествувале?

- Постојат многу примери, но еден од нив кој секогаш ми е на ум како некој кој навистина страдал, но го надминал страдањето и ја покажал силата на човековата волја. Тоа беше Тери Фокс, кој беше млад Канаѓанец, кој заради рак ја изгуби ногата, тоа беше кон крајот на 60-тите, мислам. За да покаже дека дури и после ракот, со смртоносна болест, може да се бори и да се живее, тој ја претрча цела Канада, со една нога и со друга вештачка нога. Има многу земји низ светот во кои секоја година се одржуваат трки под негово име - Тери Фокс, за да му оддадат почит на неговиот фајтерски дух. Има и многу други кои навистина посегнуваат преку границите и се обидуваат да стигнат што подалеку. Џорџ Малори во 1924 година, кој беше првиот Европеец, кој се обиде да се искачи на Монт Еверест и умре кога се симнуваше. Тој беше откриен пред 10 години, зашто неговото тело беше во мраз. Сер Едмонд Хилари, секако, го паметат сите, дека го достигна врвот. Има и уште еден за кого сега многу читаме по весниците, зашто се сними и филм. Се работи за жената која ја прошири границата во авијацијата и покажа дека жената може да направи и повеќе од мажот. Таа беше првата жена која сама го помина Атлантикот со авион во 1926-27, по Линберг, но таа беше првата жена. Потоа, во 1936 таа требаше да биде првата жена која ја обиколи земјата, но за жал нејзиниот авион исчезна во последниот дел од патувањето, над Пацификот, зашто немала доволно гориво. Тоа беше Емилија Ерхарт и сега има филм за неа, но јас ги прочитав сите книги напишани за неа. Има и многу други, а и овде имате големи планинари кои исто така се примери за фајтерски дух, д-р Кедев и Димитар Илиевски, секако, кој, за жал умре. Вие го викате Мурато? Да, тој се искачи на Монт Еверест. Тој беше првиот Македонец. Тие луѓе навистина се симболи за младите генерации, дека ако се решите, можете навистина да постигнете чудесни работи за себе и за општеството.

 

- Вашата татковина Ирска до неодамна имаше свои претставници во Формула 1 преку Еди Џордан и неговиот тим, кои својот зенит го постигнаа остварувајќи неколку победи во 1998 и 1999 година. Колку тие ја имаа Вашата поддршка?

- Дури и ако човек не е редовен обожавател на некој спорт, ако има некој од вашата националност во некој спорт, сигурно ќе навивате за него, посебно ако доаѓате од мала земја, како Ирска, или Македонија. Ние секогаш, без оглед на спортот, ако имаме тим, барем јас секогаш ќе ги поддржувам луѓето, тимот, затоа што доаѓаат од Ирска, но и ќе очекувам да бидат за пример. Многу е важно спортот кој се изведува да биде сосема фер. Затоа Ирците беа многу вознемирени по последната квалификациона рунда за Светското фудбалско првенство, зашто изгубија од Франција, а францускиот играч призна дека мамел и употребил рака. Точно. Луѓето се огорчени кога ќе се случи такво нешто. Тоа ја нагласува важноста на фер плејот во спортот.

 

- Кога сме веќе кај тоа, најголемиот успех кој го постигна тимот на Џордан беше кога за нив возеше Дејмон Хил, нивната прва победа. Можеби, кога зборуваме за тоа, дали се сеќавате на нив со Дејмон Хил како фронтмен, или со Еди Џордан, како Ирец?

- Мислам секако со него, зашто беше Ирец, но и целиот тим, што уште еднаш покажува дека Ирците многу сакаат да делат со другите и за нив најважно е спортското достигнување.

 

- Се уште сме во Ирска, со Еди Ирвајн и Џон Вотсон како возачи, но во различни декади. Еди Ирвајн беше на крајот од 90-тите, а Џон Вотсон на почетокот од осумдесетите. И двајцата се родени во Северна Ирска, но имаат гран при победи со Ферари и Мекларен во текот на своите кариери. Дали се сеќавате на тоа време, и колку сте ги поддржувале?

- Да. Бев млад во тоа време, се уште сум (ха,ха,ха)! Секако, бидејќи постигнаа многу и покажаа дека со вештина, енергија и решителност навистина може да се постигне успех и повторно ги проширија границите на возможното. Мислам дека за многу луѓе тие се примери. Секако, понекогаш е многу тешко за спортистите, зашто сега, по она што се случи со играчот на голф... Тајгер Вудс, да. По некое време, луѓето очекуваат од овие луѓе да бидат светци, а тоа е многу тешко, зашто постојано се под рефлекторите. Многу е тешко.

 

Intervju_so_Ervan_Fuere_16.12.2009_164- Постојат ли тркачи кои го заслужиле вашиот восхит, зашто зборувавме генерално за спортот. Можете ли да одберете возач и дали сте навивале за некој од нив?

- Тоа е тешко прашање. Имињата на возачите кои ги спомнавте секако се меѓу првите, не само заради нивната националност, туку и заради нивните постигнувања, а бидејќи доаѓаат од мала земја со ограничени ресурси, мислам дека тоа се луѓето кои би ги ставил на прво место.

 

- Некои од Ф1 пилотите во минатото биле оценувани како плејбои (Џејмс Хант, Нелсон Пике, Еди Ирвајн), поради што автомобилскиот спорт бил сметан за „мачо“ забава. Денеска, тоа е свет на спортисти чиј фитнес е на рамниште на олимписките маратонци, а возачките вештини се подигнати на ниво на роботи. Кое лице на спортот повеќе го преферирате?

- Со ова ќе се вратам на претходното прашање, кога зборував за спортските херои, кои денес, заради начинот на кој вестите се пренесуваат низ светот, во секоја дневна соба, она што се случува во Токио, можете да го видите овде и обратно. Заради тоа, спротските славни личности се идеалиризаат и се очекува од нив да бидат светци, да живеат свет живот, да не може да им се најде замерка, и спонзорите зависат од тоа, и ним им е многу тешко да се соживеат со тој идеал. За мене е важно спортистите да останат верни на своите принципи и да не прават компромиси за да победат, туку да победуваат со ферплеј. Тоа треба да биде олимпискиот дух, но со комерцијализацијата сега е многу тешко да се задржи тој дух.

 

 

- Формула 1 и автомобилизмот како спорт имаат длабоки европски корени, но се повеќе стекнуваат светска популарност. Кои се Вашите размислувања за овој феномен?

- Мислам дека тоа е мешавина на предизвикот и спортската решителност на индивидуата, но и технологијата и истражувањето кое се прави за да се направат болиди кои одат брзо, се сигурни и победуваат, повторно надминувајќи ги границите на возможното. Со развиената комуникација, сега луѓето низ цел свет можат да ги следат сите овие работи, и зголемувањето на трките на екстремни терени во различни делови на светот, како во Африка. Јас единствено би бил загрижен само дека треба да се осигура спортот да ја почитува еколошката димензија, животната средина, да нема негативно влијание на околината. Тоа е одговорноста која треба да ја имаат во трките, и мислам дека тие го разбираат тоа. Затоа јас верувам дека спортот не треба да биде ексклузивен феномен, туку инклузивен, треба да биде отворен. Тоа е една од причините заради која јас кога дојдов овде и кога видов дека нема редовен маратон во Скопје, му се обративме на градскиот спортски совет да прашаме дали е можно да се оживее маратонот, (има маратон во Љубљана на кој трчав секоја година) зашто маратонот ги здружува сите, тој навистина е инклузивен спорт, доаѓаат луѓе од сите возрасти, и мислам дека барем со тоа бегаме од политиката.

 

Intervju_so_Ervan_Fuere_16.12.2009_013- Прв пат во 1986 година се организираше трка зад Железната завеса, во Унгарија, но по 24 години таа е се уште единствена во Источна Европа. Сметате ли дека тоа било политички инспирирана одлука?

- Не, апсолутно, јас мислам дека ако има едно нешто кое навистина може да премине преку политичката поделба и да премине преку границите, тоа е спортот. Спортот може да ги зближи луѓето кои инаку се политички непријатели. За ова класичен пример се мечевите во пинг-понг меѓу Америка и Кина, како и многу други примери. Јас имам еден многу скромен пример, каде што го поддржавме одржувањето на трка преку границата меѓу Словенија и Хрватска во време кога постоеја тешкотии, но сега таа трка се одржува секоја година и привлекува стотици луѓе, значи спортот е одличен зближувач. Ако ја погледнете Јужна Африка, рагбите отсекогаш се сметало за игра на Апартхејдот, зашто ја играле само белци. На црнците не им било дозволено да играат рагби. И кога Нелсон Мандела беше избран за претседател, Јужна Африка беше домаќин на светскиот рагби куп, во 1995 година и тој го прифати рагбито како спорт, иако тој беше сметан за спрот на неговите поранешни непријатели и тоа беше неверојатен гест на помирување, кој Мандела го направи употребувајќи го спротот како медиум. Сега има и филм за тоа, Ин Виктус, со Морган Фриман. Мислам дека има одлични примери за тоа како спортот успеал да ги надмине политичките поделби и ова е еден одличен пример за тоа.

 

- Дали да очекуваме дека Формула 1 ќе се шири во Источна Европа, дека ќе имаме повеќе трки овде, дека ќе се случуваат повеќе настани, промоции и слични работи?

- Да, сигурен сум во тоа. Секако, секогаш е присутен проблемот на ресурси, на инфраструктура, но ако постојат добри примери, тогаш треба да биде можно да се развие тоа.

 

- Едно хипотетичко прашање. Што е поверојатно според Вас: Македонија да биде дел од календарот на Формула 1 или да добие неусловувана покана за влез во ЕУ базирана на спроведување на реформите?

 

- Мислам дека тие две работи одат заедно. Европската унија и почетокот на преговорите за членство всушност ќе бидат почеток на една трка која мислам дека ќе има неверојатно значење зашто ќе ги означи последните чекори од патувањето кое почнало, би рекол, уште во 1903, зашто ако го споредите Крушевскиот манифест со Договорот од Рим за основање на Европската унија, ќе забележите многу сличности во врска со значењето на општеството и повикот на демократски права и слободи. Значи, требале повеќе од 100 години за да се оствари тој сон на праведниците од Крушевската република, тоа кажува многу за балканската историја. Но сепак мислам дека е прекрасна перспектива тоа што тој сон ќе се оствари и дека Македонија, јас не се сомневам во тоа, ќе стане членка на Европската унија.

 

- Тоа значи дека ќе имаме и своја трка во Формула 1?

- Па, никогаш не се знае, може тие две работи да дојдат заедно.

 

- Календарот на Ф1 трките се повеќе е инспириран од фактот колку некоја влада сака да поддржи одржување на трка во нејзината земја и тоа да го субвенционира со државни пари. Кое е Вашето мислење како политичар за оваа појава? Дали на ова гледате како на државна интервенција за подобрување на приходите од туризмот или како легитимен акт на приватната компанија која е промотер на спортот во светската пазарна економија каде што важат законите на понуда и побарувачка?

- Мислам дека секако е важно владата да обезбеди финансии кога може, зашто економските услови честопати го спречуваат тоа, но ако владата понуди финансиска поддршка за спортот, тоа треба да биде направено така што ќе го одразува интересот на сите граѓани, и верувам дека колку е поинклузивен спортот, толку подобро. Во тој поглед, да, Формула 1, но не треба да се создава нефер конкуренција помеѓу некои земји. Мислам дека мора да постои рамнотежа помеѓу пазарните сили и желбата на владата да понуди најдобро можно отворање за спортовите, како стадиони и слични работи. Секако, за Јужна Африка, која ќе биде домаќин на светското фудбалско првенство во јуни идната година, стадионите беа неверојатен фокус за економски развој и гордост. Мислам дека тоа ќе донесе многу туристи, значи и тоа е дел од равенката. Ако некоја земја сака да привлече туристи или да биде домаќин на некој настан, како Олимпијадата, или Специјалната олимпијада, фудбалското првенство и слично, туризмот е многу важен.

 

Intervju_so_Ervan_Fuere_16.12.2009_082- Луѓето кои ги критикуваат овие настани, повеќе се грижат за класичните работи, а ова е повеќе како ширење низ светот, одење на нови локации...

- Мислам дека е важно тоа што ние сме во поврзан свет, светот стана глобално село, па не мислам дека е во ред да се одржува ексклузивност во елитен круг на градови, туку треба да биде колку што може поотворен и секоја земја треба да добие можност да биде дел од овој процес.

 

- Вистинска случка е дека кога Еди Ирвајн прв пат освоил подиум во Формула 1, било истакнато британското знаме, но добил закани од ирските националисти кои барале ирско знаме. Кога се случило следниот пат ирското знаме да биде истакнато, екстремистите барале да се врати претходното, па тој ја замолил ФИА во иднина да истакнува неутрално знаме, а наместо химна  да ја користи песната „Воздухот на Лондондери“. Дали сметате дека други решенија биле можни, или како вие би го советувале во таа ситуација?

- Тоа не е единствен пример. Има и други примери каде заради политичките услови во тоа време, спортистите, без оглед дали биле мажи или жени, единствен начин да учествуваат во некое натпреварување бил под знамето на земјата каде што живееле, без оглед што биле од друга националност. На пример, пред неколку месеци, еден индиски спортист, кој бил од Бангладеш, но тогаш немаше Бангладеш, протестирал и му било забрането да го прими медалот, а сега му го дадоа медалот. Има примери на луѓе кои навистина го застапувале својот став. Исто и во старата Југославија. На Олимпијадата во 1992 во Барселона, имаше голем број нови држави кои настапија и многу од нив беа со привремени знамиња, но желбата за учество беше толку голема што ова беше единствениот начин да им се дозволи да учествуваат. Исто така и порано Јужна Африка имаше многу проблеми во спортот со бојкотирањето, што мислам дека е многу разбирлива реакција и меѓународните спортски федерации секогаш треба да имаат го на ум овој чувствителен аспект, што го има и кај Македонија.

 

- Значи немате некој посебен совет кој би го дале во тој момент?

- Не мислам дека е исправно на еден спортист да му се закануваат што учествува во некој спорт и под знаме на друга земја, но не мислам дека тоа не е во ред. Сепак, мислам дека организаторите мораат да бидат свесни за тоа, што е многу тешко. Како луѓето учествуваат во меѓународни натпревари и под кое знаме и слично, тоа е деликатна рамнотежа, но мора да биде воспоставена, на најправеден и најхуман можен начин, што не е лесно.

 

- Наспроти Германците и Французите кои се сметаат за први производители и конструктори, кога е во прашање спортот Британците ја имаат доминацијата. Обединетото Кралство се смета за колевка на Формула 1 и таму се сместени повеќето денешни екипи од тоа светско првенство, во кои работат илајдници луѓе со различни потекло и различни култури. Можно ли е да се има држава и власт во која работите ќе бидат организирани и раководени на идентичен начин и со иста заедничка желба за успех ?

- Мислам дека е невозможно да се има таква организација која нема да биде мултинационална, зашто светот постојано се движи и мислам дека е многу добро да се имаат луѓе од различни националности кои ќе работат на заедничка цел, зашто тоа ја покажува нивната меѓусебна зависност и интересот на сите земји да постигнат најдобри можни спортски активности, така што јас сум комплетно за тоа. Не треба да биде само една земја. Мислам дека целта на треба да биде да се форсира нечија националност, туку да се постигне најдобар можен резултат на колективната група, без оглед од каде доаѓаат тие и сето тоа.

 

Intervju_so_Ervan_Fuere_16.12.2009_115-  Вие бевте на чело на делегацијата во Словенија кога оваа земја стана членка на ЕУ, а сега ја предводите Мисијата во Скопје. Во Формула 1, Мерцедес имаше успешна кампања со Мекларен во која остварија 60 гран при победи и три титули светски прваци, но се одлучи да формира свој сопствен тим од 2010 година. Како би ги оцениле шансите и за Вас и за Мерцедес, уште еднаш да го повторите успехот, или на кого би се обложиле дека прв ќе стигне на целта: Вие со Македонија во ЕУ или Мерцедес до нова титула?

- Многу хипотетички. Ако веќе учествувам, би сакал да бидам прв, да победам. Секако, јас се надевам дека можам да го видам тој ден кога ќе бидам сведок на приближувањето на земјата кон ЕУ, но, што можам да кажам, треба време. Мораме да видиме дали тоа ќе се случи, но ние работиме, целата наша енергија е насочена кон тоа. Затоа сме тука, и јас имам многу посветен тим, и наша единствена цел е да ја донесеме Македонија во ЕУ и знам дека еден ден тоа ќе се постигне, дека ќе успееме, но не знам дали јас се уште ќе бидам тука. Мораме да веруваме дека ние ќе бидеме први, секако, зашто она што ќе го постигнеме ние ќе биде од корист за цела една нација. Ако победи Мерцедес, тоа ќе биде добро за болидот и сето тоа, но придобивките нема да бидат исти, туку многу поограничени.

 

- Значи, се обложувате на себе?

- Во основа, да, на нас. На тимот! Ова беше многу невообичаен пристап. Ви благодарам. Ова е здрава алтернатива на тешките политички прашања со кои мораме да се справуваме понекогаш.

 

Ф1 Алманах бр.25

 
Campaign

Анкета

Дали е ова последна сезона за Фелипе Маса?